Капитенот на Академија Пандев, Сашко Пандев сосема очекувано е во еуфорично расположение и ден по големата победа во финалето од Купот на Македонија и првиот историски трофеј за клубот во македонскиот фудбал.
Најмладиот македонски прволигаш за само две сезони потврди дека е клуб на вистинскиот пат, клуб со фудбалски темели кои носат успех. За Пандев ова не е прв трофеј во македонскиот фудбал, но секако е најдрагиот ако се знае дека е освоен со негов струмички клуб воден од неговиот брат Горан Пандев, но и клуб кој со својата „фудбалска младост“ ги освојува сите симпатии на домашните љубители на фудбалот.
„Секако дека сме пресреќни со освојувањето на трофејот. Може да кажам дека овој успех, на некој начин, претставува и заокружување на сиот наш труд изминативе две прволигашки сезони. За толку краток период а веќе стигнавме до трофеи и настап на европската сцена, секако е момент за почит“ – вели Пандев и дополнува:
„Но, не сакаме да останеме само на ова. Напротив, овие успеси се мотив повеќе да се продолжи уште подобро во следните сезони затоа што Струмица заслужува да живее европски фудбал“.
Академија Пандев ова лето, за првпат, ќе биде дел од квалификациите за Лигата на Европа. „Пандевци“ ќе стартуваат од 1. квалификациско коло за ЛЕ, согласно коефициентот, на листата на аутсајдерите пред ждрепката во јуни.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА