Сашко Тасев нов претседател на Третата фудбалска лига-југ

 Членот на Управниот одбор на Фудбалската Федерација на Македонија, Сашко Тасев е нов претседател на Третата фудбалска лига на Македонија – југ откако според договорена ротација, седиштето на лигата се пресели во наредните две години од Велес во Кавадарци. Во управниот одбор на лигата ќе членуваат претседателите на Општинските сојузи на Неготино Јордан Ангелов, на Велес Лазо Ракиџиев,на Прилеп Марјан Стојковски и на Кавадарвци Сашко Тасев, кој ќе раководи со лигата.

Екипите кои во новата сезона ќе играат во Третата лига-југ се речиси веќе познати. Најмногу клубови има од Општинскиот сојуз на Прилеп: Питу Гули /Крушево/, Бучим, Младост /Кривогаштани/,  Големо Коњари, Слога /Лажани/, Ултрас /Прилеп/ и Влазними јуниор /Пресил/. ОФС Кавадарци ќе го претставуваат клубовите Росоман и Марена, Велес екипите на Превалец  и Башкими  /Горно Јаболчиште/ и од Неготино Венец /Долни Дисан/. Доколку некој од овие клубови се откаже пред стартот на новото првенство, ќе го замени ФК Обршани од истоименот прилепско  село.

Комплетирана и Третата лига-запад

Според зборовите на  претседателот на  Третата  фудбалска лига-запад Мујдим Исмаили, кој е и претседател на Општинскиот фудбалски сојуз на Тетово, комплетирана е и листата од  12 клубови кои во новата сезона ќе играат во лигата. Тоа се: Велазерими и Напредок од  Кичево, Зајас, Камењане, Речица, Дрита /Боговиње/,  Љуботен и Тетекс од Тетово, Џепчиште, Влазними /Слатино/, Доброште и Вардар од Брвеница.

М.М

Се вчитува...