Богатите шеици од Саудиска Арабија немаат намера да престанат со трошење на дел од своето богатство на носење на нови фудбалски ѕвезди во оваа земја. Планот да биде ангажиран Винисиус од Реал Мадрид падна во вода откако Бразилецот договори продолжување на соработката со „кралевите“ најмалку до 2029 година, па Саудијците сега го свртеа вниманието кон неговиот сонародник од Барселона, крилниот офанзивец Рафиња.
Бразилскиот репрезентативец ја игра најдобрата сезона во кариерата, што е доволна препорака за богатите газди на ал Хилал да тргнат во офанзива за да го доведат екс-фудбалерот на Лидс во своите редови. Планот беше по раскинот на договорот со Нејмар на негово место да пристигне Винисиус, но сега фокусот е целосно на Рафиња, кој добил неодолива понуда. Имено, Бразилецот има на маса 200 милиони долари за четиригодишен престој во Ал Хилал, за плата од 50 милиони евра по сезона, што е повеќе од пет пати повисока од она што тој моментно го заработува во Барса.
Рафиња во моментов е фокусиран само на настапите за каталонскиот гигант, но извори блиски до фудбалерот тврдат дека тој добро ќе размисли летово и лесно може да се случи да ја прифати оваа понуда, каква што се добива еднаш во животот.
На потег се и челниците на Барса, на кои им се понудени 100 милиони долари за да дадат зелено светло за реализација на овој мегатрансфер. Рафиња е најдобар фудбалер на Барселона сезонава, но Лапорта е свесен дека оваа сума може да ја извлече Барса од криза, воедно и да направи простор во буџетот за да го доведе Нико Вилијамс од Атлетик Билбао, кој беше голема желба и минатото лето.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА