Герет Саутгејт јасно им порача на челниците на Манчестер Јунајтед дека не планира преговори со „црвените ѓаволи“ во следните три месеци, бидејќи целиот негов фокус во овој период ќе биде врз настапот на англиската репрезентација на ЕВРО 2024.
Англиските медиуми објавија дека токму Саутгејт е изборот на Сер Џим Ретклиф за нов тренер на Манчестер Јунајтед, најавувајќи дека договорот би можел да биде среден пред крајот на оваа сезона, но англискиот селектор јасно стави до знаење што мисли за овие шпекулации.
„Пред се, јас сум селектор на Англија со јасна цел пред мене, да оставам што подобар резултат на ЕП, но претходно и на пријателските средби што ќе ги играме. Покрај тоа, Манчестер Јунајтед веќе има тренер и би било крајно некоректно јас да говорам за овој клуб. Треба на сите да им биде јасно, јас сум целосно фокусиран на ЕВРО 2024 и гарантирам дека нема да преговарам со никого до крајот на овој турнир, ниту со Манчестер Јунајтед ниту со било кој друг клуб. Овде сум веќе осум години и нема да преговарам со некого додека уште сум под договор“, изјави Саутгејт.
Актуелниот договор на англискиот селектор истекува во декември годинава, тој веќе има понуда за продолжување на соработката, но Саутгејт инсистираше да почека до крајот на ЕВРО 2024 пред да ја донесе конечната одлука за иднинат.
Извори блиски до него тврдат дека тој посакува клупски ангажман по долгата селекторска авантура, но останува да се види дали тоа ќе се реализира и ќе биде токму во Манчестер Јунајтед.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА