Герет Саутгејт не успеа ниту во второто финале на ЕП да ја донесе толку посакуваната титула на „островот“, а поразот од Шпанија многу веројатно ќе биде и последен меч на овој стратег на клупата на „гордиот албион“.
Челниците на ФА сакаат да го задржат Саутгејт и му понудија нов договор уште пред овој европски шампионат, но самиот селектор одолговлекуваше со одлуката. Огромниот притисок од јавноста и критиките што ги добиваше во последните месеци, а особено за време на ЕВРО 2024 се причината поради која Саутгејт не сака да потпише нов договор, туку планира да одмори извесен период пред да се посвети на некој клупски ангажман во иднина.
Англичаните веќе имаат свој фаворит за нов селектор, актуелниот менаџер на Њукасл, Еди Хау, е на врвот на листата со желби на раководството на ФА во потрага по нов кормилар за националниот тим. Станува збор за стручњак што англиската јавност го оценува како „модерен“ (за разлика од Саутгејт), а напаѓачкиот фудбал на кој инсистираше Хау во своите клубови (Борнмут, сега и Њукасл) го прави добар кандидат за да го извлече максимумот од овој играчки кадар што го поседува „гордиот албион“ во моментов.
Останува да се види дали ваквата разврска ќе се реализира, особено ако се знае дека за еден месец ќе стартува новата премиерлигашка сезона и Њукасл ќе инсистира на што побрзи разговори, за доколку Хау си замине да има доволно време да ангажира нов врвен стратег на негово место.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА