Саутгејт: Сите очекуваат дека ќе излеземе на терен и ќе даваме по три-четири гола, тоа не оди така…

Англија на стартот од ЕВРО 2024 ја оправдува фаворитската улога, барем ако се погледне резултатски со тоа што веќе практично има обезбедено осминафинале, но и тоа како демонстрираше разочарувачки игри во првите два натпревари со минимална победа од 1-0 против Србија и реми (1-1) со Данска.

Селекторот Герет Саутгејт вели дека проблемите во играта се главно поради тоа што нема соодветна замена на Калвин Филипс кој изостана од тимот поради лошата форма. Неговата замена сега е Трент Александер-Арнолд, но Саутгејт вели дека тој експеримент не успева.

„Немаме соодветна замена за Калвин Филипс. Се обидуваме со различни работи и во моментов немаме течна игра. Трент е експеримент и тој експеримент не се покажа добар. Ни треба подобар пресинг“ – вели Саутгејт, кој е задоволен од резултатите на тимот.

„Сите во Англија мислат дека треба да излеземе на терен и на секој меч да постигнуваме по три-четири гола. Но, не оди тоа така. Сепак, ова е Европско првенство на кое се најдобрите и секој сака да дојде до успех. Долг е турнирот и треба да ја темпираме формата за останување до крајот на шампионатот“ – истакнува Саутгејт.

Се вчитува...