Англискиот селектор Герет Саутгејт денеска го објави списокот од 23 фудбалери на чии услуги ќе смета за време на претстојниот мундијал во Русија. За разлика од голем дел од неговите колеги, кои деновиве излегоа со пошироки списоци, Саутгејт веднаш се реши за 23 играчи, меѓу кои има и неколку изненадувања.
Така, тој како трет голман го повика Поуп од Барнли, оставајќи го дома Џо Харт, кој до пред неколку години беше стартен чувар на мрежата на „гордиот албион“. Втор дебитант е бекот на Ливерпул, Александер Трент Арнолд, кој добива шанса во ситуација кога неговиот клупски соиграч Џо Гомез е повреден. Во одбраната тој ги повика Гери Кејхил и Џон Стоунс, иако и двајцата имаа минимална минутажа сезонава во дресот на Челси, односно Манчестер сити.
Во средниот ред ќе недостигаат Џек Вилшир и Адам Лалана, но Саутгејт смета на Лофтус Чик од Кристал палас, додека во нападот прва ѕвезда е Хари Кејн, помогнат од Рашфорд, Варди и Велбек.
„Верувам дека ова е состав за кој можеме да бидеме возбудени. Имаме група на малади играчи заедно со неколку многу важни искусни фудбалери и сметам дека балансот во екипата е многу добар. Имаме многу енергија во тимот, игачите се подеднакво комотни во поседот на топката и сметам дека луѓето ќе го видат стилот на игра кој се обидуваме да го развиеме. Процесот на селекција траеше неколку месеци. Чувствуваме дека тимот се подобрува и сакаме да го продлжиме тој моментум“ – изјави Герет Саутгејт.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА