Драган Стојковиќ најавува офанзивна формација на Србија за вечерашниот дуел со Англија, но истото може да се каже и за неговиот ривал од спротивната страна, Герет Саутгејт.
Како што најавуваат англиските медиуми, Саутгејт е подготвен за тотална офанзива против Србија, со четири врвни офанзивни фудбалери меѓу стартните единаесетмина.
Хари Кејн очекувано ќе се најде на врвот од нападот, десно ќе игра Букајо Сака, лево Фил Фоден, додека веднаш зад Кејн од позадина ќе „оперира“ Џуд Белингем, кој имаше извонредна дебитантска сезона во дресот на Реал Мадрид. Згора на тоа, во средниот ред ќе биде прекомандуван Трент Александер Арнолд, десниот бек на Ливерпул и досега добиваше ваква улога од Саутгејт на квалификациски и на пријателски средби, но ова ќе биде прв ваков експеримент на едно големо натпреварување.
Најпроблематична е позицијата лев бек, каде во ситуација кога Лук Шо се уште е повреден англискиот селектор е принуден да експериментира со Трипие, кој игра од десната страна во тимот на Њукасл.
НАЈАВЕН ТИМ НА АНГЛИЈА: Пикфорд, Вокер, Трипие, Гуеи, Стоунс, Рајс, Александер Арнолд, Фоден, Белингем, Сака, Кејн.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА