Женската ракометна репрезентација на Македонија ја очекува бараж двомечот проти Украина за пласман на Светското првенство кое на крајот на годината ќе се игра во Данска, Норвешка и Шведска.
Ракометарките денеска ќе го одработат својот прв тренинг од кој поради обврски во своите клубови и мечеви кои ги играа во текот на вчерашниот ден ќе недостигаат Сара Ристовска и Леонида Гичевска.
Селекторот на Македонија, Љубомир Савевски пред почетокот на подготовките вели дека Украина е мал фаворит, но со помош на публиката во Скопје се надева дека по враќањето на Европските шампионати, Македонија ќе биде дел и од Мундијалот.
„Според европските анализи Украина е мал фаворит во овој двомеч, но ние не смееме да се жалиме. Украина е ривал по мерка за враќање на репрезентацијата на Светските првенства. Иако има квалитетни ракометарки, не е репрезентација која во моментов се наоѓа во самиот европски и светски крем. Се надевам дека со помош на македонската публика ќе славиме на првиот меч во Скопје и дека тоа ќе ни даде ветер во грб и за реваншот. Верувам дека Македонија по долга пауза може да се врати и на Светските првенства“, изјави Савевски.
Македонија првиот натпревар против Украина го игра на 8. април (сабота) во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје, додека реваншот кој ќе се игра на неутрален терен во Унгарија е закажан за 11. април.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА