Савичевиќ: Учиме многу од повозрасните, за да помогнеме Македонија да стигне до ЕП

Лука Савичевиќ требаше да дебитира за сениорската репрезентација во ноември, но откажаните средби во „балонот“ во Талин беа причина тој да почека неколку месеци за првиот меч за А-тимот. Талентираниот плејмејкер се најде на списокот на селекторот Тодоров и за турнирот во Перм, па утре против Италија може да ги очекува и првите минути како член на сениорскиот национален тим.

„Веќе не чувствувам трема, бидејќи одработив еден мини-циклус со репрезентацијата, бев седум дена со нив во Талин. Сепак, постои возбуда, тоа е нормална работа кога си дел од националниот тим. Секој од нас сонува за настап во сениорската репрезентација. На нас младите е да се бориме и да тренираме јако и да учиме од постарите, и од тренерите, секако. И верувам дека еден ден сите ќе имаме настапи за репрезентацијата“, вели Савичевиќ.

Младиот плејмејкер кој има значителна минутажа во вториот тим на МЗТ Скопје најавува борбена игра на Македонија на следните четири средби, се со цел да се исполни големата желба на сите во репрезентацијата – пласман на Евробаскет 2022.

„Атмосферата во тимот е одлична. И доколку сите го дадеме максимумот, се бориме, мислам дека ќе дојдеме до посакуваната цел, и дека ќе оствариме пласман на Евробаскетот. Ние како помлади напредуваме со тоа што играме со поискусните од нас. И учиме многу од нив. Нашата игра се сведува на тоа да внимаваме на многу мали детали. Да не се плашиме од дуели. Едноставно, да не се повлекуваме. Научивме доста работи од нив, и мислам дека доста напредуваме со овие заеднички тренинзи“ – истакнува Лука Савичевиќ.

Се вчитува...