Савиќевиќ: Не го поддржувам Путин, но не би сакал руските фудбалери да ја доживеат судбината на Југославија

Претседателот на Фудбалскиот сојуз на Црна Гора, Дејан Савиќевиќ, зборуваше како спортист и фудбалер кој во минатото бил исфрлен од големо натпреварување, па истакна дека не го поддржува исклучувањето на репрезентацијата на Русија од Светското првенство во Катар.

 Во интервју за италијанска „Ла Република“, Савичевиќ изјави дека добро знае како им е на руските спортисти затоа што поминал низ истото во 1992 година Југославија.

„Јас не ја бранам руската политика, ниту сум против солидарноста со украинскиот народ. Сепак, јас ги бранам руските фудбалери и нивното право да не доживеат спортска неправда, како онаа што ја доживеав во 1992 година, кога јас и моите соиграчи не можевме да одиме на ЕП во Шведска, иако изборивме пласман. Мислам дека требаше да остане на сила одлуката руската репрезентација да игра на неутрален терен, без знаме и пеење на химната. Спортистите не треба да ја носат вината за сè што се случува, треба да им се дозволи да се натпреваруваат. Ја повторувам приказната од свој агол, од нешто што го почувствував на своја кожа. И после толку години раните од ваквата одлука се уште се чувствуваат. Јас и моите соиграчи тогаш почувствувавме неправда и тоа не треба да се повтори. Пред 30 години немавме никаква врска со војната во Југославија. Михајловиќ, Југовиќ, Мирковиќ, Ковачевиќ, Мијатовиќ, Саво Милошевиќ… Пропуштивме три големи натпреварувања, Европското првенство во 1992 и 1996 година, како и Светското првенство во 1994 година. Единствената причина беше политиката, а тоа нема врска со спортот“, рече легендарниот фудбалер.

Запрашан дали Црна Гора ќе биде домаќин на руската репрезентација, Савичевиќ истакна дека Црна Гора нема големи стадиони и дека прашањето не е насочено кон вистинската адреса, бидејќи тој не е човек кој може да носи такви одлуки.

Се вчитува...