Македонските одбојкари викендов ги стартуваат квалификациите за Европското Првенство, со јасна цел повторно да биде дел од елитниот континентален собир.
„Црвено-жолтите“ денеска патуваат за Грузија, каде в сабота ќе се обидат на гостински терен да стигнат до победата со која би направиле огромен чекор напред кон пласманот на ЕП. Марко Савовски, кој игра во одлична форма во изминатиот период, е оптимист, но и предупредува дека за триумф на гостински терен во овие квалификации Македонија ќе мора дасе прикаже во најдоброто можно издание.
„Влегуваме во главната фаза од овој летен циклус, квалификациите за следното Европско Првенство. Ги одбројуваме последните денови до дуелот со Грузија, имавме доста тежок циклус, со многу тренинзи и квалитетни натпревари и мислам дека формата ни е на некое коректно ниво и дека сме подготвени за предизвикот пред нас. Во првиот натпревар влегуваме како благи фаворити, но ова се големи натпревари во кои мора да се даде максимумот. Мислам дека ќе го покажеме нашето вистинско лице и се надеваме на победа на стартот од овој квалификациски циклус. Потоа ќе следи мечот со Грција, тоа ќе биде дуел на две рамноправни селекции во кој ќе има борба од почеток до крај и се надеваме на две победи со кои би биле многу блиску до пласман на ЕП“, истакна Савовски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА