Женската ракометна репрезентација на Македонија вечерва ја пречекува Словенија во првиот натпревар од бараж двомечот за пласман на Светското првенство во Јапонија 2019. Крилото на репрезентацијата, Јована Саздовска вели дека тие не веруваат во чуда, туку во резултат на напорна работа во процес кој трае три години.
„Словенките влегуваат во мечот како фаворити, но имаат мали промени во составот за разлика од претходните години. Ние не веруваме во чуда, туку во резултат што е плод на напорна работа во процес кој трае 3 години, каде што забележавме голем раст во квалитет и дефинитивно, евидентно се движиме во нагорна линија. Денеска планот не е како ќе изгледа семафорот на крајот од мечот, туку како ќе влеземе во него. Ветувам борба за секоја топка и дека ќе дадеме максимум на натпреварот“, вели Саздовска.
Таа смета дека притисокот е голем, бидејќи имаат шанса да се искачат скалило погоре и на себе, но и на следните генерации да ја олеснат работата и овозможат полесни противници во следните квалификации.
„Притисокот е голем затоа што конечно можеме да се искачиме скалило погоре и да ја олесниме работата, но и да овозможиме полесни противници во следните квалификациски циклуси. Неколку пати низ годините покажавме дека имаме добри перформанси кога сме под притисок и дека нема лесно да се предадеме“, завршува Саздовска.
Натпреварот во СЦ Борис Трајковски во Скопје е со почеток во 20.15 часот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА