Најтрофејното македонско спортско друштво „Вардар“ денеска одбележува 70 години од своето формирање. Црвено-црното спортско семејство одбројува 70 лета од формирањето, започното на 22. јули 1947 година, преку двата водечки спорта како основачи на друштвото – фудбалот и кошарката!
А, се започнува некаде во јуни 1947 година… По претходни долготрајни консултации меѓу раководните фактори на град Скопје, некаде во јуни 1947 година се доаѓа до заклучок дека на главниот град на Македонија му треба едно спортско друштво во кое ќе се развива масовен и квалитетен спорт.
Па, откако безусловно се доаѓа и до договор со челниците на тогаш постоечките спортски друштва ЖСД Победа и МСД Македонија, на 22. јули 1947 година во преполната сала на кино „Вардар“, со фузија на „Победа“ и „Македонија“ почнува да работи и живее Спортското друштво Вардар. Во рамките на ова друштво основоположнички главни спортови се фудбалот и кошарката, па токму и поради тоа ФК Вардар и КК Вардар 22. јули го слават како свој роденден.
„Основна цел на фискултурното движење е масовноста и квалитетот. Со оваа фузија ќе добиеме друштво кое ќе биде навистина претставително, ќе донесе квалитет и ќе биде гордост на македонскиот спорт уште долги, долги години“ – беа тогаш првите визионерски зборови на Димче Мире, претседателот на Основачкиот одбор на СД Вардар.
За прв претседател на Спортското друштво Вардар е избран Димче Беловски, тогашен претседател на Народната младина на Македонија. Први потпретседатели се Ѓорги Икономов, Страхил Трајковски и Александар Мартиновски – Стипе, а генерален секретар е Влајко Јосифовски.
Интересно е дека на Основачкото собрание на СД Вардар е донесена одлука бојата на Друштвото да биде „сино-бела“, каква што ќе биде и бојата на знамето на Друштвото. Но, набрзо на следното Собрание донесена е одлука бојата на Друштвото да биде „црвено-бела“… Тоа се боите на сите спортски колективи кои функционираат во рамките на СД Вардар се до 1963 година, кога е одлучено во иднина црвено-црните бои да бидат заштетниот знак на „вардарци“.
- Седум основачки спортови на Друштвото…
Со најголем број членови во формирањето на СД Вардар се вклучуваат фудбалот, кошарката и велосипедизмот. При основањето на Друштвото, најголем број членови имаат фудбалскиот клуб (93 члена) и велосипедскиот клуб (90 члена), а потоа следат кошарката со 60 члена, па одбојката е со 54 члена, гимнастиката (52), атлетиката (46) и пинг-понгот со 18 активни членови. Тоа се седумтте спорта кои го формираат СД Вардар.
Денес, Спортското друштво Вардар е асоцијација на 20 здружени клубови со вкупно 52 натпреварувачки екипи, во која покрај седумте основачки спортови сега се и автомобилизмот, боксот, борењето, ватерполото, каратето, хокејот, кик-боксот, куглањето, пливањето, стрелањето, ракометот, џудото и шахот.
- Досега јубилејот го одбележа само КК Вардар
Оваа година досега единствено Кошаркарскиот клуб Вардар, под мотото „ВАРДАР БИЛ И ЌЕ ОСТАНЕ ЗАСЕКОГАШ“ го одбележа 70-годишниот јубилеј, со свечена манифестација и ревијален кошаркарски натпревар, а беше издадена и монографија „70 години – КК Вардар“.
Од ФК Вардар најавуваат дека наредниот период, до крајот на годината, ќе има одредени свечености преку кои ќе се одбележи јубилејот, а од фудбалскиот колектив посакуваат на сите свои навивачи како подарок за големиот јубилеј да им овозможат и настап во групната фаза од Лигата на шампионите или Лигата на Европа.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА