Се „буди“ и Работнички – двоен трансфер во „Градски парк“

Охрид се екипира, МЗТ Скопје се пофали со останувањето на тренерот и капитенот, а во плановите за следната сезона почнува да се буди и Работнички. Новиот тренер Димитар Мираковски веќе преговараше со неколку кошаркари, а според последните информации „центарци“ се многу блиску до потпис со две нови засилувања.

Првото е Бојан Трајковски, македонскиот репрезентативец кој вториот дел од ланската сезона ја мина во Гостивар. Трајковски на почетокот од кариерата го носеше дресот на Работнички, па овој трансфер ќе претставува враќање на крилниот центар назад во таборот на најтрофејниот македонски кошаркарски колектив. Тој ги пропушти последните месеци од ланската сезона поради повреда, но тој проблем сега е саниран и Трајковски максимално подготвен ќе влезе во новата сезона.

Покрај Трајковски, се очекува во најскоро време потпис на договорот со Работнички да стави и Горан Главчев. Капитенот на Блокотехна нема да биде дел од новиот проект на Кожув, за него интерес покажаа неколку домашни клубови, но од неколкуте понуди на негова адреса најдобро во моментов е онаа на скопските „црвено-бели“.

Во тек се и преговорите со дел од домашните кошаркари од ланскиот ростер за потпишување на нови договори, а од Работнички дефинитивно си заминува Чавдар Костов, кој има богата понуда од Левски Лукоил, но и од неколку екипи од регионот.

Се вчитува...