Големи се шансите завршниците од сезоните во колективните спортови да завршат со присуство на навивачи на трибините, откако во денешната препорака од Комисијата за заразни болести беа дадени нови препораки до Владата на РСМ, која на следната седница ќе треба да се изјасни за нив.
Една од одредбите вели дека треба да биде дозволено: „Организирање на настани на отворено и затворено со почитување на протоколите од 2020 година, односно присуство на 30 % од целосниот капацитет“.
Како и многу пати досега, во предлозите за настани никаде не се наведува дека станува збор за спортски натпревари. Токму затоа, се очекува Владата на својата утрешна седница да даде и конкретна одлука, со надеж дека ќе биде дадено зелено светло за враќање на публиката на трибините, нешто што веќе станува тренд во повеќе европски држави.
Во ситуација кога сме сведоци на олеснување на мерките во речиси сите сфери, редно е истото да се случи и во спортот, за навивачите да бидат во можност во живо да ги проследат битките за трофеи. Доколку тоа се случи, први настани кои ќе добијат зелено светло за публика на трибини ќе бидат завршните турнири од Купот на Македонија во ракомет и во кошарка, кои се предвидени да се играат викендов.
Исто така, останува да се види и дали Владата ќе даде препорака да се дозволи и да се продолжи со тренинзи на младинските екипи, со што би се овозможило да финишираат сезоните за да не се загуби цела година што може да биде погубно за младите спортисти.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА