Италијанската фудбалска филозофија со години наназад е критикувана како „старовременска“, но стратезите од Апенинскиот полуистров кои се селектори во квалификациите за ЕВРО 2024 најдобро покажаа дека и овој стил на работа може да даде резултат. Можеби Лучијано Спалети се уште нема обезбедено билет за ЕП 2024 со Италија, но затоа четири негови сонародници веќе успеаја да го осигураат учеството на претстојниот континентален собир што следното лето ќе се одржи во Германија.
Доменико Тедеско е роден во Росано блиску до Козенца, а овој стручњак ја предводеше Белгија до импресивни игри во квалификациите и рутински пласман на ЕП 2024.
Винченцо Монтела дојде на чело на Турција на 21 септември, но италијанскиот стручњак експресно остави траг врз својата селекција, па уште во октомври Турците по големиот триумф во Хрватска обезбедија виза за ЕВРО 2024.
Марко Роси се покажа како полн погодок за Унгарија, осигурувајќи го првото место во групата со синоќешното реми во Бугарија, а квартетот италијански тренери со странски селекции на ЕП го комплетира Франческо Калцона, кој jа враќа Словачка на уште едно големо натпреварување.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА