Баерн Минхен конечно ќе ја заврши потрагата по нов тренер со именување на Винсен Компани за наследник на Томас Тухел, нешто што се очекува да се официјализира најдоцна до крајот на денот. Баварците се соочија со неочекувани проблеми во оваа потрага откако беа одбиени од неколку стратези, за пред неколку дена вниманието да го насочат кон Компани, кој му е тренер на нашиот Дарко Чурлинов во тимот на Барнли.
Иако Белгиецот испадна од Премиер-лигата со својата екипа, станува збор за млад и перспективен стратег кој е многу ценет во европскиот фудбал. Баварците по првите разговори со Компани ги прекинале контактите со сите останати кандидати и се фокусирале само на поранешниот капитен на Манчестер Сити. Тој не ја криел желбата што поскоро да се пресели во Минхен, а во текот на вчерашниот ден почнале и преговорите со Барнли околу висината на отштетата.
Англискиот клуб сака да го задржи својот тренер, но од друга страна челниците дале ветување дека нема да му стојат на патот ако во меѓувреме добие понуда од европски гигант, категорија во која дефинитивно спаѓа и Баерн Минхен. Се очекува сума од околу 10 милиони евра да биде доволна за Компани да пристигне заедно со неколку членови од стручниот штаб на Барнли, за што денеска ќе бидат водени нови преговори за кои двете страни се оптимисти дека можат да доведат до целосен договор.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА