Еден од поголемите меѓународни спортски настани на територијата на Македонија е секако карате турнирот “Трофеј Македонија”, кој утре, со почеток од 10 часот ќе се одржи во СЦ „Кале“.
По тој повод, Агенцијата за млади и спорт и Карате Федерација на Македонија организираа прес конференција на која уште еднаш беше истакнато значењето од одржувањето на овој карате собир.
„Како резултат на големиот интерес по повод 50 години од постоењето на каратето во Македонија минатата година и реализацијата на јубилејниот турнир „Трофеј на Македонија”, падна одлука за традиционално одржување на еден ваков вид меѓународна манифестација. Потребата за еден ваков чекор доаѓа од масовноста на млади кои се занимаваат со карате, но и големиот број на каратисти кои остваруваат врвни резултати на меѓународно ниво“ – истакна директорот на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски.
На прес-конференцијата свои излагања имаа и селекторите на Македонија во кати и борби, како и нашите најдобри каратисти: Емил Павлов, Берат Јакупи, Фери Исиќ и Наташа Стефановска.
Меѓународниот “Трофеј на Македонија”, претставува собир на кој покрај македонските репрезентативци ќе учествуваат и каратисти од Албанија, Бугарија, Косово, Словенија, Турција, и нашите најдобри македонски каратисти.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА