Се е подготвено за старт на ВАР-системот на фудбалските терени и во Македонија, информираа денеска од Фудбалската федерација на Македонија каде пред медиумите беа споделени сите информации околу ангажманот и подготовката на ВАР во Македонија.
Претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ, заедно со проектниот лидер за имплементацијата на ВАР, Дејан Јакимовски, ги споделија пред медиумите клучните информации за почетокот на ВАР кој за првпат во историјата се воведува во македонскиот фудбал.
Веднаш по неговото именување за прв човек на ФФМ, Масар Омерагиќ ја најави имплементацијата на ВАР-системот како негов приоритетен проект, и за само три месеци се исполни ветувањето комплетно завршувајќи ги сите активности за негово стартување. Од ФФМ информираа дека ВАР собите ќе бидат избрендирани според сите стандарди, ги има вкупно три, па ќе можат да се играат три натпревари во исто време.
„Навистина може да искажеме задоволство од имплементираната ВАР-технологија која за првпат ќе биде употребена во македонскиот шампионат. ВАР-системот во Македонија конечно е реалност. Макотрпната работа изминативе месеци, и покрај краткиот период за негова имплементација, вродија плод, и сега пред нас го имаме тоа што го посакувавме. Направивме огромна работа. На многу поголеми федерации од нашата им беше потребно најмалку една година, а можеби и повеќе, за да го спроведат ВАР системот. Затоа ФИФА и УЕФА ни оддадоа признание. Не им се вруваше дека за толку кратко време ќе успееме да го реализираме овој голем проект. Но, успеавме“ – истакна Масар Омерагиќ.
Сите судии во ВАР-собите ќе бидат македонски арбитри. Како главен човек на целиот ВАР-проект ќе биде Дејан Јакимовски, проектен лидер за имплементација на ВАР. Исто така, од ФФМ информираа и дека, покрај ВАР-собите, набавено е и современо репортажно возило кое ќе се користи за телевизиски преноси, како чекор плус во професионализацијата на домашниот фудбал.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

