Осум екипи, четири во машка и четири во женска конкуренција ќе се борат за првиот пехар на домашната одбојкарска сцена, на Фајнлфор турнирите од Купот на ОФМ 2025, кој од 3 до 5 април ќе се одржи во спортската сала „25. Мај“ во Радовиш. По вторпат во куп-историјата, финалниот турнир ќе го организираат Одбојкарската федерација на Македонија и општина Радовиш како технички организатор.
Тридневната куп-програма стартува утре (3 април) со полуфиналните дуели во машка конкуренција. Бранителот на пехарот Штип УГД во првото полуфинале од 16 часот ќе се соочи со Работнички, додека Струмица во вториот полуфинален меч, од 19 часот, ќе ги измери силите со велешки Борец.
Женските полуфинални дуели се предвидени за 4 април (петок). Наковски Волеј и Фит Фан Волеј се првата полуфинална двојка, која игра од 17 часот, додека второто полуфинале во кое се соочуваат Работнички Скопје и Јанта Волеј КВ е закажано од 20 часот. Патот до титулата кај дамите е отворен, откако бранителот на трофејот Струмица жени беше елиминиран во осминафиналето.
В сабота, 5 април во салата „25. Мај“ во Радовиш ќе се одиграат финалните натпревари. Од 16 часот ќе започне финалето во женска конкуренција, додека за 19 часот е закажан дуелот за трофејот кај мажите.
Сите натпревари од финалниот турнир од Купот на ОФМ ќе имаат директен пренос на националниот сервис.
КУП НА ОФМ 2025
ПОЛУФИНАЛЕ МАЖИ, ЧЕТВРТОК (03.04.2025)
ШТИП УГД – РАБОТНИЧКИ (16 ч.)
СТРУМИЦА – БОРЕЦ (19 ч.)
ПОЛУФИНАЛЕ ЖЕНИ, ПЕТОК (04.04.2025)
НАКОВСКИ ВОЛЕЈ – ФИТ ФАН ВОЛЕЈ (17 ч.)
РАБОТНИЧКИ СКОПЈЕ – ЈАНТА ВОЛЕЈ КВ (20 ч.)
ФИНАЛЕН ДЕН, САБОТА (05.04.2025)
ФИНАЛЕ ЖЕНИ 16 ч.
ФИНАЛЕ МАЖИ 19 ч.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА