Викендов во Македонска Каменица ќе се одигра финалниот турнир од Купот „Благоја Георгиевски-Буштур“ во женска конкуренција.
По 34. пат во историјата на македонската клупска кошарка се игра „фајнал-фор “ турнирот кој треба, оваа година, да го даде наследникот на Вардар, која важи како актуелен освојувач на ова натпреварување.
Во наредните два дена, екипите на Крива Паланка, на Бадел 1862, МЗТ Бела вода и домаќинот, Баскет кам 2011 ќе се борат за трофејот, за прв пат во историјата, во Македонска Каменица.
Во првото полуфинале на турнирот во Македпонска Каменица, (сабота, 15 часот) ќе се сретнат екипите на Баскет кам и на МЗТ Бела вода. Првиот човек на Баскет Кам, Јордан Цветановски, им посака добредојде на клубовите кои се дел од финалниот турнир во Македонска Каменица:
„Сакам да се заблагодарам на општина Македонска Каменица за помошта при организација на овој турнир. Сакам да ви се заблагодарам на сите вас кои сте дојдени тука и сама овие два дена да ги поминете убаво, да се чувствувате како да сте дома. Сакам да им се заблагодарам на гостите за нивното присустви. На сите вас да ви посакам добар турнир и нека победи најдобрата екипа“, изјави Цветановски.
Капитенот на Баскет кам, Катерина Поп-Димитровска смета дека се фаворити на овој турнир
„Честитам на сите присутни тимови тука. Посакувам добра игра. Се разбира, треба да покажеме фер плеј игра затоа сме сите дојдени. Можам со сигурност да кажам дека сме спремни и мотивирани, и како поискусни, со многу натпревари зад нас, купови, финалиња, полуфиналиња, верувам дека ќе ја оствариме нашата цел, овој пехар да остане тука. Но пред се, ќе уживаме овој викенд кој што следува а за сето она останато, нека победи најдобриот“, вели Поп-Димитровска.
Своите размислувања во пресрет на дуелот од полуфиналето со домаќинот, ги презентирааше Горан Крстевски, шеф на стручниот штаб на МЗТ Бела Вода:
„Кои се очекувањата, прво честитки до полуфиналистите, односно до екипите кои дојдоа до најдобрите четири во ова натпреварување. Ние сме најмладиот тим на турнирот во Македонска Каменица во кој очекувам полна сала, очекувам добра игра со фаворитот, и да одиграме на едно вистинско ниво. Реков фаворит затоа што Македонска Каменица четири години владее со македонската кошарка, и во првенството и во Купот. Но куп-натпреварите се токму затоа и интересни. Затоа што тука најчесто се случуваат изненадувања. Фаворити има само на хартија, Имаме некои свои амбиции и замисли. Ќе пробаме да ги исполниме на теренот. Девојките се млади, но амбициозни. Во исто време, што е за мене многу важно, се храбри. И ќе се обидеме да го изненадиме шампионот на Македонија. Иако сепак, фаворитската улога, не само во полуфиналето, туку и на комплетниот турнир е на страна на шампионот од Македонска Каменица“, вели Крстевски.
Јована Димовска ги искажа своите очекувања во пресрет на утрешното полуфинале:
„Очекуваме тежок натпревар. Но сепак спремни сме да дадеме максимумот од себе. Секоја од девојките е подготвена да даде се што може. И одиме кон победа“, беше кратка кошаркарката на екипата на МЗТ Бела вода.
Во вториот меч ќе се сретнат Крива Паланка и Бадел. Андреј Алексовски, во улога на асистент-тренер во екипата на Крива Паланка ја пренесе тимската порака:
„Учеството во завршницата на Купот е престиж, но и голем предизвик. За нас ова е четвртто полуфинале, се надеваме на финале. Како што знаеме сите, екипата на Бадел 1862 е одличен противник. Искусен тим, но ние утре одиме на победа. На крај, сакам на сите да им посакам успех на сите екипи и добар турнир“, изјави Алексовски.
Своите очекувања ги презентираше и Глорија Груевска.
„Нашиот тим е спремен да покаже добра и квалитетна кошарка. Имаме одлична тимска атмосфера. И сум сигурна дека ќе ја оствариме нашата цел. А тоа е победа утре и едно историско финале за Крива Паланка“, изјави Груевска.
Првиот човек на Бадел 1862 Љупчо Павловски, посакува девојките да го „скршат малерот“ и по овој турнир во Македонска Каменица и втрините на трофејниот клуб да бидат „побогати“ за уште еден победнички трофеј.:
„Македонска Каменица ни остави добри впечатоци и долго паметење во минатото, Бадел 1862, тое ни е во нашата ДНК, секогаш се стреми кон врвни резултати. Застанавме на 13 освоени куп-трофеи, и се надеваме дека оваа година ќе ја прескокнеме таа несреќна, да кажам, „тринаесетка“, и ќе дојдеме до 14 победа. Можеби звучи нескромно, затоа што екипата на крива Паланка е еден доста сериозен тим кој во континуитет е во врвот на кошарката, и на некој начин се фаворити. Затоа што имаат исклучително квалитетен ростер, составен од три добри странски колеџ-кошаркарки, и најмалку три одлични домашни кошаркарки кои се млади и амбициозни, и едни од најдобрите во земјата. Ние сме подготвени, имаме некоја добра енергија во клубот, добро се работи, особено после последната победа на домашен терен над екипата на Крива Паланка. И јас сум убеден дека нашите девојки ќе изгинат, ќе го остават срцето на теренот за да стигнеме до таа вредна победа и пласман во финалето“, изјави Павловски.
Јована Петрушевска посака фер-плеј игра од сите учесници на турнирот кој треба да даде доказ за гледност, приближна на финалниот турнир во машка конкуренција:
„Сакам да им честитам на сите четири екипи што се пласираа во полуфиналето на Купот на Македонија. Се надевам дека овие два дена ќе поминат во фер плеј-игра и и сите четири екипи ќе покажат добрра кошарка. Пред се за да се докаже дека женската кошарка е исто така од големо значење и има своја гледаност. Јас и моите „баделки“ заедно со тренерот и претседателот Павловски, сме подготвени за утрешниот натпревар. Крива Паланка како наш противник ни е доста познат. Спремни сме и мотивирани и нека победи најдобриот“. изјави Петрушевска.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

