Се е подготвенo за „Фестивалот на водени спортови“: Вкупно 17 спортови во седум дена ќе го заживеат Охрид!

За првпат во Македонија а сигурно и многу пошироко, од 19. до 27. август во Охрид ќе се одржи спортска манифестација од ваков тип – првиот Фестивал на водени спортови „Ohrid water festival“, чија цел е промоција на Охрид, спортовите на вода и заштита на животната средина.

Организаторите на настанот предводени од Општина Охрид денеска и официјално ја промовираа комплетната програма на манифестацијата која ќе биде комбинација на спортски настани и социјални настани како начин за промоција на Охрид и Охридското езеро со силен повик за негова заштита.

Во рамки на спортскиот дел ќе бидат опфатени 17 спортови, а круна на фестивалот ќе биде Охридскиот пливачки маратон кој ќе се одржи на 26. август. Две третини од спортовите на фестивалот се олимписки дисциплини. Во рамки на фестивалот ќе се одржат пливачки митинзи, акватлон, веслачка, кајакарска и едриличарска регата, ватерполо турнир, трка со кајчиња, водени лудории, подводни активности, а преку изложби и социјални настани ќе бидат презентирани спортовите на вода, но и гастрономската и културната понуда на Охрид.

„Во рамките на фестивалот на 23. август ќе се одржи и панел дискусија на која покрај за спорот, ќе се говори за заштитата на животната средина и промоцијата на туризмот преку одржлив развој. Ова е прв ваков настан кој сигурно од година на година дополнително ќе се развива во насока на промоцијата на водените спортови кои и тоа како се значајни за Охрид и Охридското езеро. „Ohrid water festival“ завршува на 27. август со второто издание на акватлонот на Охридското Езеро“ – информираше еден од организаторите на манифестацијата, Јоне Станкоски.

„Долги години наназад слушавме и дебатиравме дека е потребна поголема промоција на водените спортови на Охридското Езеро и дека на Охрид му е потребна масовна манифестација која ќе придонесе за развојот на градот како интересна дестинација за спортски туризам“ – истакна на прес конференцијата градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, притоа дополнувајќи:

„Се работи за една нова спортска приказна која е симбол на неизмерната љубов кон нашето уникатно Охридско Езеро испреплетена со нашата голема желба за поголем развој и популаризација на водените спортови. Манифестацијата вклучува натпревари и активности на вода и има за цел да допре до најмладата популација и да им ги промовира сите позитивни аспекти на водените спортови и да придонесе за зголемување на интересот и свеста за здрав начин на живот“.

Програмата на фестивалот беше комплетно презентирана на прес-конференцијата во Охрид, на која беше претставена и веб страницата на фестивалот: ohridwaterfestival.mk.

Се вчитува...