Се е подготвено за второто издание на „Ohrid Water Festival“: Зголемен број на спортски настани и учесници!

Охрид, од денеска па до 31. август повторно ќе живее со водените спортови и бројните едукативни и културно – забавни настани што ќе се одржат во рамки на второто издание на Фестивалот на водени спортови – „Ohrid watter festival“ – кој е под покровителство на општина Охрид.

Фестивалот, во делот на спортските активности, стартуваше денеска со 4. Интернационална едриличарска регата во организација на „Акватика Јахтинг“, а наредниве денови ќе може да се проследата и регати во веслање и кајак, трки во пливање, акватлон, а оваа година Охрид е домаќин и на Балканскиот јуниорски куп со околу 200 учесници.

Сето тоа ќе биде заокружено со Охридскиот пливачки маратон кој ќе се одржи на 31. август.

„Нашето езеро, со своите кристално чисти води и уникатни пејзажи деновиве ќе прерасне во арена за 20 возбудливи спортски настани. Секој од нив ќе биде уникатно доживување кое ќе ги исполни очекувањата на публиката. Покрај сите традиционални натпревари и активности на вода, круна на целата манифестација и годинава ќе биде Охридскиот пливачки маратон кој ќе се одржува на 31. август“ – истакна градоначалникот на Охрид Кирил Пецаков на денешната прес-конференција која се одржа во „Куба Либре“.

Оваа година бројот на спортски настани, но и на учесници значително е зголемен, што само ја потврдува заложбата Охрид да добие модерен фестивалски концепт поврзан со нашиот заштитен знак – Охридското Езеро.

„Преку фестивалот сите клубови учесници на фестивалот бележат раст и развој за што говори неколкукратното зголемување на бројот на учесници на спортските настани кои ќе се одржат на и покрај Охридското Езеро. Во најголем дел настаните се од меѓународен карактер. Ќе се одржат и суп трки, митинг во пливање, ватерполо, акватлон, а во едукативниот дел децата ќе учат да нуркаат и ќе се забавуваат низ бројните едукативни и културно забавни настани кои ќе се одвиваат на платото пред хотелот „Палас“. Целта е да се создаде атмосфера која ќе го привлече вниманието на секој посетител и ќе ги поттикне сите генерации да уживаат во оваа манифестација“ – посочи Јоне Станкоски од организацискиот одбор на Фестивалот и раководител на спортскиот сектор во Општина Охрид.

Учесниците и посетителите ќе ги забавуваат музички уиметници и диџеи меѓу кои Балтер и Емилија Колоска, Наум Петрески, Милован Секулоски и групата Сара, како и Суперхикс кои ќе настапат на затворањето на фестивалот. Посетителите ќе може да уживаат и во гастрономски специјалитети подготвени од Слоу фуд Охрид, изложби и едукативни содржини, информираше и претседателот на фестивалот Никола Вретоски.

ФОТО: А. Момироска (www.ohridnews.com.mk)

Се вчитува...