Интер ја прекина серијата слаби резултати во Калчо-лигата триумфирајќи со убедливи 5-0 на дуелот со Салернитана, резултат со кој „нероаѕурите“ се вратија на чело на табелата, со еден бод предност пред Наполи и Милан. Во главна улога беше Лаутаро Мартинез, кој по осум натпревари без постигнат погодок вечерва блесна и со хет-трик го предводеше Интер во овој убедлив триумф.
Аргентинецот беше во центарот на вниманието од самиот почеток, кога од стопроцентна ситуација биеше само во гредата. Видно исфрустриран, тој потоа промаши уште една убава шанса, но Лаутаро конечно ја „симна клетвата“ пред крајот на полувремето, со два гола носејќи удобно водство од 2-0, по асистенциите на Николо Барела.
Почетокот на второто полувреме донесе и трет погодок за Мартинез, овојпат по центаршутот што од десната страна го испрати Един Џеко. Босанскиот интернационалец потоа самиот блесна со два гола во мрежата на Салернитана, а за одбележување е добриот настап на засилувањето од Аталанта, Робин Госенс, кој влезе во игра во 62. минута и само стотина секунди подоцна асистираше при првиот погодок на Џеко.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА