Поранешниот тренер на Реал Мадрид, Фабио Капело, се јави со своја оцена за последното „Ел Класико“, изненадувачки напаѓајќи го пристапот на својот екс-клуб. Италијанецот потенцираше дека црвениот картон на Серхио Рамос е апсолутно заслужен, но ги критикуваше „кралевите“ поради својата навика на секој дерби дуел да одат со брутални стартови врз Лео Меси.
„Што се однесува до црвениот картон, нема дилеми дека е заслужен. Само видете како се залета на Меси, тоа беше криминален старт. Ме разочарува што кога и да гледам меч на Бернабеу меѓу Реал и Барселона, секогаш има фудбалер одреден да го повреди Лео Меси“ – изјави Капело.
Трофејниот италијански стратег уште еднаш јавно го пофали аргентинскиот генијалец, посочувајќи дека тој со своите квалитети е најмалку една класа над Кристијано Роналдо.
„Кристијано е одличен фудбалер, но Меси е фудбалски гениј. Неверојатно е како одигра во Мадрид, самиот го носеше тимот на грб, правеше работи што не сум ги видел досега од него и ја покажа својата големина“ – истакна Фабио Капело.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА