Се јави и Марчинјак: Не знам зошто плачат Французите, Мбапе ми честиташе за добро суденото финале

Полскиот судија Симон Марчинјак одговори на обвинувањата од францускиот табор за неговата арбитража на големото финале од СП 2022 против Аргентина.

„Триколорите“ се бесни поради досудениот пенал при првиот гол за Аргентинците, а француските навивачи во меѓувреме покренаа и иницијатива за преигрување на натпреварот, откако на видео-снимка се виде дека двајца резервни аргентински фудбалери се на теренот во моментот кога Меси го постигна третиот погодок за „гаучосите“.

Според Марчинјак, тоа дефинитивно не е сериозен престап за еден така значаен натпревар.

„Желбата беше огромна и кај двата тима, нормално беше да постои тензија, особено во финишот со толку многу играчи кои се загреваа крај аут-линијата. Проблем ќе беше ако тие кои влегле во теренот влијаеле врз играта, но тоа воопшто не беше случај. И навистина не можам да разберам зошто Французите создадоа толкава фама за тој момент, зошто не ја покажат и снимката од третиот гол на Мбапе, кога седум француски резервисти се на теренот во моментот на изведување на пеналот“, изјави полскиот судија.

Тој откри и дека по дуелот имал краток разговор со Килијан Мбапе, од кого добил честитка за добро завршената работа во финалето.

„Го видов како се тресе по мечот. Тој беше најдобар фудбалер на финалето, но на крајот загуби и плачеше, забележав солзи на неговото лице. Се поздравував со Лорис кога тој ме забележа, па отидов да се поздравам и со него. Му честитав на одличната игра што ја покажа, а тој на мене за одличното судење“, истакна Марчинјак.

Се вчитува...