Судскиот процес против Дани Алвеш останува главна тема во шпанската и во бразилската јавност, откако поранешниот ас на Барселона доби можност да излезе на слобода до крајот на жалбениот процес плаќајќи кауција од еден милион евра.
Судот беше жестоко критикуван за ваквата одлука, а дел од медиумите се јавија со инфорамција дека парите за кауција биле обезбедени од таткото на неговиот добар пријател и поранешен соиграч, Нејмар. Тоа беше повод во јавноста да се појави таткото на Нејмар, преку објава на профилот на социјалните мрежи да ги демантира овие гласини. Според него, семејството Нејмар престанало да го поддржува Алвеш од моментот кога судот донел одлука дека Бразилецот е виновен за силување.
„Како што сите знаат, на почетокот му помагав на Дани Алвеш. Сепак, во овој момент, во ситуација сосема поразлична од претходната бидејќи шпанскиот суд донесе пресуда за случајот, се појавуваат шпекулации кои го поврзуваат целиот случај со мене и со мојот син. Вистината е дека ние не ја плативме кауцијата. Се надевам дека Дани со своето семејство ќе ги пронајде одговорите кои ги бара. За нас, за нашето семејство овој случај е завршен“, напиша таткото на Нејмар.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

