Кошаркарските прволигаши ќе ја истуркаат идејата за зголемување на лимитот на странски кошаркари во своите редови, менувајќи го досегашното правило за максимум четири странци во секоја екипа (во ростер за натпревар), од кои најмногу тројца можеа да се најдат на терен во исто време.
Клубовите веќе извесно време се жалеа дека ова правило не донело ништо позитивно на домашната сцена, освен што македонските кошаркари драстично ги зголемиле сумите што ги барале за потпис на договори. На темата се дискутираше повеќе од две години, но денеска беше постигнат и консензус околу идејата за промени, па така од идната сезона секој клуб наместо четири ќе може да има по пет странци во тимот на секој натпревар, а од нив четворица ќе може да бидат истовремено на теренот.
Ова е заедничкиот став што бил донесен од клубовите на денешниот состанок. За наредната седмица е закажана нова средба на Здружението на прволигаши, на кое се очува овој предлог да биде изгласан еднострано и потоа доставен од канцеларијата на КФСМ. Од челниците на федерацијата е добиено ветување дека ставот на клубовите ќе биде испочитуван, така што оваа промена веднаш ќе стапи на сила, од сезоната 2023/24.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА