Ерик тен Хаг беше критикуван за односот кон Џејдон Санчо и испраќањето на англискиот офанзивец на позајмица во Борусија во период во кој холандскиот стратег му даваше апсолутна доверба на Антони, кој се покажа како едно од најголемите промашувања во клупската историја.
Екс-фудбалерот на Ајакс одигра катастрофална сезона на „црвените ѓаволи“, а новите косопственици на клубот јасно ставија до знаење дека за него ќе нема место во тимот во наредната сезона. Иако важеше за миленикна Тен Хаг (на чие барање впрочем и дојде во Манчестер), на Антони веќе му било соопштено дека може да почне да си бара нов клуб, а истиот став му е пренесен и на холандскиот стратег, кој сега планира да го задржи Санчо во тимот и нема да бара дополнтелно засилување по доаѓањето на Циркзе од Болоња.
На челниците на Јунајтед им е јасно дека нема да можат да си вратат ниту половина од вложените 95 милиони евра во трансферот на Бразилецот, па затоа тој ќе биде достапен на позајмица во текот на летово. Како опција се споменува и враќање во Ајакс, но проблем е што холандскиот клуб не е финансиски моќен за целосно да ја покрие неговата плата од 70.000 фунти неделно, на што Јунајтед ќе инсистира од новиот клуб на офанзивецот.
Едно е сигурно, во Манчестер Јунајтед сериозно почнуваат да дуваат нови ветришта и се забораваат старите катастрофални трендови на работа што важеа под водство на семејството Глејзер.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА