Се огласи и газдата на Интер: Мораме да продаваме, потрошивме многу пари на Конте…

Кратко траеше радоста на фановите на Интер по освоеното скудето, заминувањето на Антонио Конте беше ладен туш за „нероаѕурите“, а изјавата на претседателот Стивен Жанг внесува дополнителна нервоза меѓу приврзаниците на гигантот од Милано. Жанг практично го потврди она што се знаеше – дека клубот мора да продаде дел од клучните играчи за да избегне финансиски колапс, што практично беше и причина за заминувањето на Конте.

Според кинескиот газда, токму огромните инвестиции за доведувањето на трофејниот стратег и скапите трансфери по пристигнувањето на Конте биле причината за клубот да се најде во ваква незавидна положба.

„Од првиот момент кога го презедовме клубот сметавме дека Антонио Конте е вистинскиот човек за нашиот проект. Ни требаа две години да го убедиме да дојде, инвестиравме толку многу пари во него и во тимот во наредните две години колку што седеше на клупата. Сепак, ситуацијата е таква што финансиската состојба е далеку од позитивна, неопходен ни е значителен приход до крајот на летово, но исто така и сакаме да го задржиме поголемиот дел од тимот за во добро светло да се претставиме во Лигата на Шампионите. Сите сакаат да стигнат до скудетото, но реалноста е поинаква. Затоа уживаме во она што го направивме изминатата сезона, ќе видиме што ќе се случува во иднина“, изјави Жанг, загрижувајќи ги фановите со својата резервираност околу амбициите за наредната сезона.

Десниот бек Хакими најверојатно ќе биде првиот што ќе си замине откако ПСЖ понуди 50 милиони евра за негов ангажман. Покрај него, се очекува Интер да го напушти и Лаутаро Мартинез, за кого сериозен интерес покажува Атлетико Мадрид.

Се вчитува...