Се огласи и Шведска: Ниту сакаме да патуваме во Москва, ниту да играме со Русија!

Баражот за одење на Мундијалот требаше да се игра следниот месец во Москва, но големи се шанси тоа да не се случи. Планирано е во полуфиналните дуели да ги одмерат силите Русија – Полска и Чешка – Шведска, а натпреварите треба да се играат во Москва.

Меѓутоа, откако Русија ја започна војната против Украина, многу земји воведоа санкции, барем на спортски план, против Русија и одбија да играат против оваа репрезентација.

Полјаците веќе јасно ставија до знаење дека не сакаат да играат во полуфиналето од баражот против Русија, а денеска и официјално шведскиот фудбалски сојуз соопшти дека донел уште поригорозна одлука.

Швеѓаните порачаа дека нема шанси да патуваат во баражот во Москва, но и дека воопшто не сакаат да играат против Русија, без разлика каде би се одиграл тој натпревар.

Шведска и Русија можат да се сретнат во финалето на плеј-офот доколку победат во полуфиналните мечеви, а Швеѓаните рекоа дека веќе донеле јасна одлука дека не сакаат да ја искористат можноста да играат натпревар против Русија без разлика каде е тоа место.

„Репрезентацијата на Шведска нема да игра против Русија каде и да се одигра таков натпревар. Нашата федерација се согласува со предлогот ФИФА да го откаже плеј-офот во кој Русија е учесник“, соопштија од Шведската фудбалска федерација.

Се вчитува...