Се огласи и Суперлигата: Проектот ќе биде стопиран, за да се направи подобрување во форматот

Проектот „Европска Суперлига“ ќе биде стопиран, е одлуката по синоќешниот итен состанок на Флорентино Перез и дел од клубовите кои се уште официјално не се откажале од ова натпреварување.

По состанокот, раководството на Суперлигата се огласи со соопштение во кое се наведува дека проектот ќе биде привремено стопирано како би се направиле одредени корекции за подобрување на форматот на натпреварувањето.

„Нашиот предлог е да направиме нешто ново, затоа што сегашниот систем не работи. Сакаме стабилноста и продолжувањето на функционирањето на фудбалот по пандемијата и големите загуби. Проектот ќе продолжи во променети околности, наша задача е да им го понудиме најдоброто на навивачите, да ги зајакнеме финансиите, не само за нас, туку и на целото фудбалско општество. Ќе разгледаме некои подобрувања на форматот на натпреварувањето па потоа продолжуваме со проектот“ – се вели во соопштението од Суперлигата.

Но, сосема е јасно дека целокупниот проект е стопиран по силниот протест на навивачите на 12-те клубови како и целокупната спортска јавност која се противи на еден ваков затворен проект. УЕФА, пак, веднаш им честиташе на шесте англиски клубови кои уште синоќа официјално се огласија дека се повлекуваат од Суперлигата.

И покрај тоа што европските клубови на своја страна ги имаа законските регулативи, сепак не можеа против навивачите кои искажаа жесток револт за еден таков проект.

Се вчитува...