Фудбалскиот клуб Брегалница се огласи по повод денешниот инцидент помеѓу пионерската екипа на штипскиот тим и Шкупи, на кој пред самиот крај дојде до тежок инцидент.
Дел од гостинската публика влезе на теренот, и физички ги нападна фудбалерите на Брегалница, по што двајца од нив завршија во болница со тешки телесни повреди.
„Најостро го осудуваме денешниот инцидент на натпреварот помеѓу ФК Брегалница и ФК Шкупи (2009-2010 генерација). Спортот треба и мора да биде колевка на почит, култура и демонстрација на здрави навики. Не смееме да дозволиме ваква слика да се повтори на било кој фудбалски и спортски терен. Тоа треба да биде место за натпреварување и покажување на манири кои се учат од најмала возраст.
На повредените деца им посакуваме брзо закрепнување и апелираме до институциите професионално да ја испитаат денешната случка и соодветно со највисоки казни да ги санкционираат виновниците“, стои во соопштението на Брегалница.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

