Се откажува и стартот на сезоната во Формула 1

Серијата спортски настани што се одложуваат и откажуваат ќе продолжи и во Формула 1, откако беше обелоденето дека трката за Големата Награда на Австралија нема да се одржи викендов како што беше предвидено.

Челниците на Ф1 инсистираа сезоната да почне според првичниот план и покрај поплаките од возачите и членовите на тимовите. Сепак, ситуацијата се промени откако денеска беше обелоденето дека член на Мекларен е позитивен на коронавирус, по што британскиот тим го откажа учеството на трката во Мелбурн.

Во тек е процедурата за тестирање на уште неколку лица со слични симптоми, а во една таква ситуација, не постојат услови за одржување на австралиското гран-при.

„Трката ќе биде откажана. Формула 1 и ФИА се во постојан контакт со австралиските власти за преземање на следните чекори. Приоритет е безбедноста на тимовите, персоналот и на навивачите, а веќе е јасно дека таа нема да може да биде гарантирана ако трката се одржи викендов“, изјави висок претставник на Ф1 за британските медиуми.

Се вчитува...