Реал Мадрид ја освои 13.европска круна, откако триумфираше во финалето на ЛШ против Ливерпул со 3-1, но бура во Мадрид предизвика изјавата на Кристијано Роналдо, кој навести дека можеби и ќе си замине од „кралскиот клуб“. Иако претседателот Флорентино Перез веднаш демантираше ваков развој на настаните, со оглед дека Португалецот има договор до 2021 година, сепак, се најавуваат уште поспектакуларни случувања.
Можна е мегаразмена, во која Нејмар би пристигнал на „Сантијаго Бернабеу“, а Кристијано Роналдо би се преселил на „Паркот на принцовите“ во Париз. Можеби нема место за двете суперѕвезди во дресот на Реал Мадрид, Роналдо тоа го почувствува навремено, па ќе се обиде да се смести во пребогатиот ПСЖ и да игра на европската сцена уште неколку години.
Во дресот на „светците“ би го имал луксузот и да одмора на дел од натпреварите во францускиот шампионат, а повторно да биде дел од Лигата на шампионите.
За Нејмар, пак, враќањето во Шпанија, но овојпат во Реал Мадрид, секако би било голем предизвик, но и можност конечно да ги напаѓа индивидуалните награди, како „Златната топка“. Секако, и да освојува големи трофеи со „кралскиот клуб“.
Нејмар е проценет на околу 250 милиони евра, Роналдо со оглед на возраста помалку, па јасно е дека Реал Мадрид ќе треба да доплати за да се оствари најголемата размена во историјата на фудбалот. Засега е во сфера на фантазии и шпекулации, но во елитниот фудбал се е можно.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА