Ситуацијата со повредените кошаркари во Работнички станува алармантна откако по Тасовски и Мираковски, сега стручниот штаб не може да смета ниту на услугите на Владо Илиевски. Извонредниот плејмејкер, кој експресно се наметна како лидер на оваа екипа уште пред десетина дена заработи незгодна повреда на рамото што не успеа да ја санира во изминатиот период.
„Повредата ја заработив на натпреварот против Вардар, а по завршувањето на таа средба почувствував силна болка, едвај можев да ја кревам раката. Во последните денови не тренирав со полна пареа, но решив да настапам против Кожув, се со цел да помогнам кога веќе екипата беше значајно ослабена со неиграњето на Мираковски и на Тасовски. За жал, во текот на првото полувреме добив три удари токму во пределот на рамото што ми е повредено, болката стана посилна и токму поради тоа не настапив во второто полувреме од оваа средба“ – изјави Илиевски за ЕКИПА.
Марин Докузовски веќе најави дека нема да ризикува со повредени кошаркари во ситуација кога пласманот во Супер-лигата е обезбеден, но проблем за Работнички е што за десетина дена, во периодот од 17 до 19 февруари, во Кавадарци ќе се одржи завршниот турнир од Купот на Македонија.
„Јасно е дека нема да играм на следниот лигашки меч со Охрид, а што се однесува до Купот на Македонија, искрено се надевам дека ќе настапам, но сепак пресудни ќе бидат резултатите од деталните лекарски прегледи. Доколку станува збор за оток верувам дека без проблеми ќе можам да играм во Кавадарци, но доколку е руптура на дел од мускулот тогаш и паузата ќе биде подолга“ – истакна Владо Илиевски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА