Работнички играше по ноти и ја совлада екипата на Блокотехна, останувајќи единствен непоразен тим сезонава во првата кошаркарска лига. На трибините во „Градски парк“ можеше да се забележи и српскиот кошаркар Душан Лабовиќ, играчот на Карпош соколи кој лани беше меѓу најдобрите во македонскиот шампионат.
Не е ништо чудно кога на натпревар ќе се појават кошаркари на други екипи, но во случајот на Лабовиќ и на Работнички тоа може да значи и почеток на „љубов“. Причините се добро познатите проблеми со кои се соочува раководството на Карпош соколи, актуелниот освојувач на Купот на Македонија кој најверојатно ќе мора да се ослободи од своите најскапи кошаркари, меѓу нив сигурно и Лабовиќ.
Од друга страна, во Работнички не ја кријат потрагата по нов играч што би помогнал во борбата под обрачите, а Лабовиќ се наоѓа високо на листата со желби на тренерот Докузовски. Барем засега нема официјален контакт, најмногу поради исчекувањето на разврската во Карпош соколи, но воопшто не се мали шансите во иднина Лабовиќ многу почесто да го гледаме во „Градски парк“, и тоа не во улога на гледач од трибините.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА