Се разбуди и европскиот првак: Талески и „лавовите“ потопени во Монпелје

Европскиот првак Монпелје конечно покажа знаци на живот, откако дури во осмото коло од Лигата на шампионите ја забележа својата прва победа, и тоа на домашен терен против Рајн-Некар Левен со резултат 31-26. Откако минатиот викенд беше поразен од истиот ривал со убедливи 37-27, францускиот клуб денеска одигра беспрекорен натпревар, одмаздувајќи му се на тимот на Филип Талески за тој катастрофален пораз.

Македонскиот репрезентативец беше стартер во тимот на „лавовите“, но не успеа да стори ништо повеќе во фуриозниот почеток на Монпелје. Домашните ракометари одлично го почнаа натпреварот и набрзина поведоа со 5-1. Германскиот вицешампион се обиде да се врати, но Монпелје умешно го контролираше резултатот, домаќините имаа и 13-7, на полувреме заминаа со предност од 16-12, за потоа во второто полувреме да не дозволат нивната позитива во ниту еден момент да се соушти под пет гола разлика.

Талески постигна два гола при овој пораз, најефикасен кај гостинскиот тим беше Толбринг со шест погодоци, додека главни играчи во таборот на Монпелје при вечерашниот триумф беа Ричардсон и Гигу со по седум постигнати гола.

Се вчитува...