Тренерот на Абердин, Џим Гудвин по доаѓањето на Бојан Миовски во клубот најавуваше дека, без разлика што и да се случува, македонскиот репрезентативец ќе остане во клубот најмалку до јуни 2023 .
Но, Миовски се вклопи во тимот и веќе ја освои шкотската фудбалска сцена многу побрзо од предвидувањата и на сите во клубот. Па, веќе се активираа бројни понуди за услугите на македонскиот напаѓач кој досега има 12 гола за Абердин од кои 11 во Премиершип што го издвојува и, заедно со Хрватот Чолак од Глазгов Ренџерс, како најдобар стрелец во лигата.
Првиот интерес за услугите на Миовски доаѓа од француски Ремс, но јасно е дека наредниот период ќе следат понудите, а Абердин веќе почна со најавите дека и во зимскиот преоден рок би го продал македонскиот напаѓач но само во случај на добра милионска понуда.
Според информациите од шкотските медиуми, Абердин не размислува да го продаде Миовски за сума помала од пет милиони евра, што е речиси десет пати повеќе од сумата за која го донесе од унгарски МТК. Но, Гудвин е трпелив, а верува дека и англиските премиерлигаши и тоа како ќе бидат загреани за Миовски ако продолжи во овој стил до крајот на сезоната.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

