Во мај 2013 година, тогашниот селектор на Македонија, Чедомир Јаневски ги изненади сите, откако на листата на играчи го стави Марко Павловски. Играчот од средниот ред во тие моменти беше дел од ОФК Белград, но имаше договорен трансфер во Порто. Му се предвидуваше блескава иднина, со оглед на фактот дека со капитенската лента ја предводеше Србија до 19 години до трофејот на Европското првенство во 2013 година во Литванија, во финалето победувајќи ја Франција.
Во тогашната селекција на Србија, предводена токму од Павловски, играа Александар Митровиќ, Сергеј Милинковиќ-Савиќ, Предраг Рајковиќ, Немања Максимовиќ, Мијат Гачиновиќ…
Меѓутоа Марко Павловски не го прифати повикот да игра за Македонија. Чекаше повик од сениорите на Србија, а со оглед дека тогаш беше прогласен за еден од најдобрите млади српски фудбалери, и се очекуваше да го добие. Но, во кариерата не му одеше така како што посакуваше, па никогаш не заигра за сениорската репрезентација на Србија. Остана без ниту еден настап за серниорска репрезентација.
На клупски план на Павловски најголемо достигнување му е Порто. Меѓутоа настапуваше само за Б тимот на португалскиот гигант, па беше дел од Аполон Лимасол, Мускрон, Сплит, Вождовац, Варзим, Динамо Минске, Ритераи, Судува, и до летото 2023 година го носеше дресот на Будуќност.
Сега веќе осум месеци нема најдено клуб, и според последните информации ќе остане без ангажман.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА