Останаа уште само осум екипи во битката за трофеј на 22. издание на Светското првенство. Од нив четири низ историјата успеваа да го „освојат светот“, две стигнаа до последната пречка, но не ја минаа, еден тим го има освоено утешното трето место, а една екипа направи историски успех со пласман во четвртфиналето.
Тоа е Мароко кој стана само четвртата африканска селекција во историјата која успеала да се најде меѓу осумте најдобри екипи. А, на мечот против далеку поискусната Португалија ќе бара продолжување на бајката и постигнување на нов историси успех. Португалците до сега три пати во историјата имаат настап во четвртфиналето, два пати во полуфиналето и два пати во утешниот натпревар за третото место во 1966 и 2006 година.
Најмногу изгубени финални натпревари има во дуелот меѓу Аргентина и Холандија. Аргентинците кои два пати беа светски прваци (1978 и 1986 година), три пати не успеаа да ја поминат последната пречка (1930, 1990 и 2014 година). Но, нивниот „неуспех“ се мери исто со тој на Холанѓаните кои исто така три пати во историјата на Мундијалот (1974, 1978 и 2010) загубија во финалето.
Најмногу титули во четвртфиналните натпревари има на мечот помеѓу Бразил и Хрватска, но сите пет се во рацете на „кариоките“. Сепак последната од нив е во 2002 година, а Бразилците сега мораат да слават против вицешампионот од Русија доколку сакаат да го прекинат „постот“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА