Се што треба да знаете за мегадуелот Вајлдер – Фјури

Тајсон Фјури и Деонтеј Вајлдер се среќаваат повторно по речиси 15 месеци од контроверзното реми кое ги остави во исчекување на нова пресметка, продолжение на сагата што се одвива во Лас Вегас. Билетите се препродаваат за илјадници долари, боксерите си разменуваат тешки зборови и закани, познавачите и аналитичарите дуелот го најавуваа како „чудовиште“.

Некаде загубена во хаосот на сите случувања и на шоуто кое го прави овој меч, лежи светската титула во ВБЦ верзијата која му припаѓа на Вајлдер. Ако победи, Фјури, сите четири појаси во оваа категорија ќе бидат поделени меѓу британски боксери, меѓу него и Ентони Џошуа кој ги поседува титулите во ИБФ, ВБА и во ВБО верзиите.

Цената на влезниците кои се продаваа на последниот ден пред борбата се движеше од 425 до 10.000 долари и тоа само во препродажба. На познатиот Стрип во  Лас Вегас, помалку среќните ќе платат 100 долари за да ја гледаат борбата на големи екрани, Американците кои ќе гледаат од дома ќе треба да платат 75 долари. Ако организаторот ги продаде сите два милиони предвидени пеј-пер-вју понуди, ќе заработи 150 милиони долари независно од продажбата на билетите. Што се однесува до боксерите, секој од нив ќе заработи осумцифрени суми.

Ова е најголемата борба во тешка категорија во последните 20, 30 или ако му верувате на Фјури, во последните 50 години. Тој беше блиску до оваа титула кога во 2018 година мечот сепак заврши без победник, а Вајлдер се извлече во 12-та рунда. Ако успее да слави, за Фјури ова ќе биде неверојатно враќање во спортот кој поради личните проблеми го напушти цели 30 месеци. Фјури надвор од рингот ги загуби титулите во ИБФ, ВБО и во ВБА верзиите, токму поради проблемите со кои се соочуваше.

Вајлдер пак ако успее да слави ноќеска ќе ја забележи 11-та одбрана на титулата и со тоа ќе го надмине Мухамед Али кој има 10 последовни одбрани на појасите.

 

 

 

Се вчитува...