Убедливиот пораз од Црвена Звезда во АБА-лигата само го забрза процесот на заминување на дел од кошаркарите на Партизан. Очекувано, прв на листата на оние кои си одат е Френк Камински, кој денеска веќе се спакува и со своето семејство полета назад за САД.
Американскиот центар пристигна од НБА-лигата и требаше да биде големо засилување под обрачите за „црно-белите“, но Камински не ги оправда очекувањата на доскорешните АБА-шампиони. Иако имаше и серија добри настапи во нападот, слабата игра во одбраната беше она со што Камински го фрустрираше тренерот Обрадовиќ, поради што дојде и до сериозен конфликт меѓу нив двајца на вториот меч од финалната серија со Црвена Звезда. Тоа придонесе центарот воопшто да не влезе во игра на третиот дуел, што беше јасен знак дека на него веќе не се смета во Партизан.
Обрадовиќ јасно стави до знаење дека не сака да го гледа Камински ниту на тренинзите, по што Американецот се спакува и се врати назад во татковината.
Партизан до крајот на сезонава го очекува само плејофот од српскиот шампионат, каде за противник во полуфиналето ќе ја има екипата на Мега, серија од која првиот меч е закажан за петок.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА