Се тресеше и „фуријата“ за бодови во Скопје

Фудбалската репрезентација на Македонија загуби од фаворитот Шпанија со 1-2 на квалификацискиот натпревар што се одигра на арената „Филип Втори“ во Скопје.  „Црвената фурија“ покажа класа во првото полувреме и поведе со головите на Давид Силва и на Диего Коста, но Македонија одлично парираше во вториот дел, и постигна прекрасен гол преку Стефан Ристовски во 66.минута. Сепак, бодовите одат за Шпанија.

elmas so spanija

Фаворитот уште од самиот старт, очекувано, нападна кон голот на Столе Димитриевски. Жорди Алба имаше уфрлување од левата страна на кое не стигна Диего Коста во шестата минута, а во 15.минута „црвената фурија“ дојде во водство. Повторно беше акција по левата страна, топка во шеснаесетникот доби Давид Силва, се сврте крај Шиков, шутираше и го совлада Димитриевски.

IMG_2423

Во 27.минута, веќе беше 0-2. Иско како брз воз мина крај Кире Ристевски по десната страна, уфрли на петерецот, каде на Диего Коста не му беше тешко да ја погоди мрежата на нашиот национален тим.

По шест минути, конечно возврати и Македонија. Алиоски ја почна акцијата по левата страна, уфрли во средината за Пандев, тој одигра повратна за Стефан Ристовски, кој шутираше, но крај голот на Де Хеа.  До крајот на првиот дел, Иско имаше уште две одлични шанси, но за среќа, во првиот обид беше непрецизен, а потоа Димитриевски го одбрани неговиот удар.

Во вториот дел, селекторот Игор Ангеловски го внесе во игра дебитантот Елиф Елмас, на местото на Остоја Стјепановиќ. Шпанија како да се задвоволи со водство, а Македонија излезе со желба да прикаже многу подобра игра.

Во 58.минута, Ванче Шиков расчисти по шутот на Давид Силва. Две минути подоцна, Жерар Пике шутираше со глава од пеналтикот, но за малку над голот.

IMG_2701

Во 66.минута, конечно блесок на македонските фудбалери. Стефан Ристовски доби топка од Пандев по десната страна, фантастично се проби, упати вистинска „бомба“ од работ на шеснаесетникот и го совлада Де Хеа. Делириум  на „Филип Втори“ и дополнителна инјекција за продолжението од мечот.

Шпанија ја „спушти топката“, се закани Серхио Рамос со удар со глава, но шутираше крај голот.  На крајот, сепак, гостите успеаја да ја остварат целта и славеа триумф.

IMG_2323

МАКЕДОНИЈА – ШПАНИЈА 1-2 (0-2)

Арена „Филип Втори“. Гледачи: 20.000. Судија: Павел Гил (Полска). Стрелци: Ристовски 66’ Македонија) Силва 15’, Коста 27’ (Шпанија). Ж. Картони: Пандев, Мојсов, Шиков (Македонија), Силва, Жорди Алба (Шпанија).

МАКЕДОНИЈА: Димитриевски, Тошевски (74’ Трајковски), Шиков, Мојсов (85’ Тричковски), Ристевски, Стјепановиќ (46’ Елмас), Спировски, Алиоски, Ристовски, Пандев, Несторовски.

ШПАНИЈА: Де Хеа, Карвахал, Рамос, Пике, Жорди Алба, Бускетс, Тијаго (74’ Коке), Иниеста (90’ Саул), Силва (69’ Педро), Иско, Диего Коста.

Се вчитува...