ЕКИПА на ЕП во Хрватска,
Билјана Б.Петрушева, Стеван Цаневски, Игор Паневски
Меч за прво место, за наплата на стари долгови и за одбрана на честа на „партизаните“ против Германците во балканската група Ц на ЕП во Хрватска. Македонија денеска (18.15 ч.) во загрепска „Арена“ излегува на мегдан со бранителот на титулата, Германија, во последниот натпревар од групната фаза.
По првите два натпревари, Македонија за многумина е изненадувачки прва на табелата пред Германија со еден бод повеќе. Со две победи против Словенија и Црна Гора, македонските ракометари веќе го обезбедија пламсманот во следната фаза во Вараждин. Германија по првите две кола има победа против Црна Гора и „црн бод“ во дуелот со Словенија освоен по спорната завршница во историскиот меч. Денешната битка е за првото место и за плус два пренесени бода во втората фаза во Вараждин.
Германците очекуваат нивната моќ во европскиот ракомет да ја потврдат и вечерва против Македонија. Но, не се сигурни дека тоа ќе им оди лесно прoтив една од трите досега непоразени репрезентации на првенството, предводена од фантастичниот Раул Гонзалес кој им ги меша сметките. Го повикаа Германците назад на помош двометрашот Фин Лемке за да го сопре Кире Лазаров. Знаат дека од капитенот доаѓа најголемата опаснот по нивниот гол. Но знаат и дека Шпанецот на македонската клупа знае да изненади со неочекувана тактика и ротација.
Германија го има можеби најсилниот голмански двоец со Андреас Волф и Силвио Хајневетер, но Македонија го има Борко Ристовски на кого Германците му се посебна специјалност и ако му тргне може да ги „реши“ како што го реши Фленсбург со Барса. А го имаме и Никола Митревски во одлична форма исто така.
Има Македонија и стари долгови за наплата против Германците. И од СП 2009 во Вараждин кога Лазаров им даде девет гола, па мораа да му смислат „црвен картон“ за да го сопрат и на крај да победат (23-33). И од ЕП 2012 во Ниш, кога судиите го поништија голот на Лазаров за да победи Германија (24-23) и да помине во втора фаза.
Сега го враќаат Лемке да го „скрши“ Лазаров, за секој случај ако загусти за првото место во групата.
Може ли Македонија со „фалангата“ на трибини и „командант Раул“ на клупа, во името на сите „партизани“ од Ц групата да ги победи Германците? Мотивација има повеќе од кога и да е, резултатот ќе биде познат за неколку часа.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА