После два и пол месеци, прволигашкиот фудбал се враќа на сцената со натпреварите од 19. коло, со што официјално стартува и пролетниот дел од сезоната. Пролетен дел кој ќе го даде одговорот на прашањето кој ќе ја подигне шампионската титула, а битката за неа ќе биде доста интересна и драматична.
Струга ТЛ е во пол позиција, но под опасна закана од бранителот на трофејот Шкупи, кој во финишот од есенскиот дел успеа да намали од разликата на стружани. Шкендија, пак, од втор план ќе се надева дека овие два тима ќе прават „киксови“ за тие да стигнат до трофејот, иако е тешко да се верува дека тетовските „црвено-црни“ ќе можат сериозно да се вмешаат во трката, односно дали водечките две екипи ќе дозволат на избраниците на Ќатип Османи да се доближат.
А, токму меѓусебното дерби во првото коло од пролетниот дел помеѓу Шкупи и Шкендија ќе даде одговор на многу прашања. Со победа на Шкупи, се чини дека тетовскиот тим и дефинитивно ќе биде отпишан од битката за трофејот, а, пак, Шкендија со триумф се враќа и тоа како во игра за шампионската титула. Нема предност за никого во овој меч, затоа што се игра на неутрален терен во Кичево без публика. Да беше на „Чаир“ приказната ќе беше сосема поинаква, вака Шкендија има сериозна шанса да се врати во играта за трофејот.
И додека Шкендија и Шкупи ќе се „тепаат“ меѓусебно за кој да остане во игра за трофејот, тешка ќе биде задачата и за Струта ТЛ. И тоа е своевидно дерби, во кое лидерот гостува на незгодниот терен во Кавадарци. Тука многу работи може да бидат разрешени, односно дали Тиквеш е кадарен да им ги замрси сметките на водечките, и можност да ја симне Струта ТЛ од првото место. Интересно ќе биде и како ќе минат избраниците на Срѓан Захариевски кои го загубија еден од столбовите во одбраната Дарко Илиески, кој се врати во Шкупи, а тие го ангажираа, пак, Меџит Незири од Шкендија. Тиквеш исто така се бори и за третото место на табелата, кое носи во Европа.
Токму таа битка за Европа исто така ќе биде интересна, а покрај Тиквеш, тука се и Силекс, Брегалница, Македонија ЃП, па и од сенка Работнички и Академија Пандев.
Од друга страна и битката за опстанокот ќе биде доста интересна. Скопје во моментов е „фенерџија“, но со оглед дека составот на прилепска Победа претрпе многу промени. Исто така промени доживеа и Академија Пандев но не само на играчки, туку и на структурен план. Беше донесен Ацо Стојков како спортски директор, а тимот се очекува да биде ребрендиран во Брера, а главна цел оваа сезона ќе биде опстанокот, со цел идните години да се атакува на највисок пласман. А, Академија Пандев гостува попладнево на незгодната Македонија ЃП, која што исто така претрпе доста измени во играчкиот кадар во овој предоен рок.
Работнички со млад и малку изменет состав ќе атакува на опстанокот, а „романтичарите“ гостуваат во Прилеп кај Победа. Овој меч ќе биде многу важен за дебармаалци, кои ако победат, тогаш речиси го имаат обезбедено опстанокот, а ќе ја втурнат Победа во опасната зона.
Брегалница има домашен меч со Скопје. Штипјани со нов тренер во името на легендарниот Горан Здравков ќе се борат за место во Европа.
ПМФЛ, 19. КОЛО (ДЕНЕСКА 14 ЧАСОТ)
Штип: БРЕГАЛНИЦА – СКОПЈЕ
Скопје: МАКЕДОНИЈА ЃП – АК. ПАНДЕВ
Прилеп: ПОБЕДА – РАБОТНИЧКИ
Кичево: ШКУПИ – ШКЕНДИЈА
Кавадарци: ТИКВЕШ – СТРУГА Т.Л.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА