Четирикратниот светски шампион, Себастијан Фетел, смета дека резултатите на Ферари не се реална слика на можностите со кои што располага тимот. Германецот не се предава и има амбиција да остане во игра за титулата до крајот на сезоната во Формула 1 до кој остануваат уште четири трки, иако Луис Хамилтон е во позиција да ја обебзеди титулата веќе на наредната трка во САД. Возачот на Мерцедес има „удобни“ 67 бода предност откако освои шест од последните седум трки. Во голем дел, овие победи на Хамилтон беа олеснети од грешките на Ферари и на Фетел кој му е и единствен ривал во борбата за титулата.
Хамилтон теоретски, веќе во недела може да ја прослави новата шампионска титула. Но, Фетел сепак, е убеден дека Ферари може да му застане на патот на Мерцедес.
„Имаме голем потенцијал како тим. Последните трки не поминаа така како што посакувавме, но такви нешта се случуваат во мотоспортот. Битката е за секоја секунда и се случуваат грешки или дефекти. Знам какви луѓе работат во Ферари и колку се амбицирани да победиме во недела. Затоа овој тим секогаш бил голем и таков ќе биде секогаш. Јас сум силно мотивиран на преостанатите трки да покажеме за што сме способни и да се вратиме на победничките патеки“ – изјави Себастијан Фетел.
Трката за ГН на САД ќе се вози в недела на патеката во Остин. До крајот на шампионатот во Формула 1 остануваат уште трките за ГН на Мексико (28 октомври), за ГН на Бразил (11 ноември) и завршницата во Абу Даби (25 ноември).
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА