Седлоски: Чест е да се биде селектор на Македонија, ова е најголем предизвик во мојата кариера

Официјално. Гоце Седлоски е нов селектор на македонската фудбалска репрезентација. Денеска официјално промовиран на прес-конференција на која беа и претседателот на ФФМ Масар Омерагиќ и директорот на националните селекции Горан Пандев.

Седлоски се заблагодари на довербата на ФФМ, и вели дека ќе биде изграден систем и дисциплина и дека ќе бара секогаш на секој натпревар да се дава максимум.

„Пред се сакам да се заблагодарам на ФФМ за укажаната доверба да бидам селектор на националниот тим на Македонија. За мене е голема чест и најголема одговорност во мојата кариера. Свесен сум за потенцијалот кој го поседува оваа селекција. Мојата цел е да избрадиме систем и дисциплина и репрезентација која ќе се бори за секоја топка, и секогаш ќе дава максимум. Свесни сме дека во некои мечеви нема да влегуваме како фаворити, но нема да ни биде одземена можност да се бориме. Од оваа репрезенција ќе барам да се бори до самиот крај. Верувам во квалитетот на фудбалерите, во нивната желба да го носат македонскиот дрес. Убеден сум дека ФФМ ќе ни обезбеди најдобри услови за работа, а со поддршка на стручниот тим и сите околу репрезентацијата, ќе направиме позитивни и значајни чекори за напредок на нашиот национален состав“, изјави Седлоски.

Тој најави дека ќе бидат повикани оние кои добро играат во своите клубови, и дека на секој натпревар ќе бара давање максимум.

„Ќе има освежување во репрезентацијата. Сите кои играат добро во клубовите, и кои заслужуваат да го носат дресот, ќе бидат овикани. Со Данска ќе барам секој поединец кој ќе биде повикан да даде максимум, дури и над своите можности и со една максимална и дисциплинирана игра да дојдеме до целта“, кажа Седлоски.

Седлоски најави дека ќе повикува играчи од македонскиот шампионат.

„Не треба да си ја потценуваме лигата, ќе настојувам 4-5 играчи од домашниот шампионат, секако оние кои заслужуваат“, вели новиот селектор.

Се вчитува...