Шефот на стручниот штаб на Шкупи, Гоце Седлоски истакнува дека сите во тимот се максимално подготвени за ново успешно надигрување со големиот фаворит Динамо Загреб на реванш дуелот од 2. квалификациско коло во Лигата на шампионите.
Шкупи има поволен резултат (2-2) од Загреб, но чаирчани повторно ја препуштаат фаворитската улога на Динамо Загреб истакнувајќи дека ќе се обидат да ја искористат секоја шанса за изненадување и пласман во следната рунда од квалификациите во ЛШ.
„Веднаш да кажам дека после оној натпревар во Загреб за нас е тоа поволен резултат, но утре не чека навистина нов тежок натпревар. Знаеме дека тие 2-2 не треба да не залажуваат затоа што пред нас е максимално сериозен противник како Динамо Загреб, за кого знаеме што и како значи во европски рамки. Но, токму тоа значи и дека притисокот е кај нив и ние тоа треба да го искористиме. Многумина истакнуваат дека противникот не потценил на првиот меч, но јас ќе прашам кој би можел да си дозволи во Лига шампиони да потцени противник. Не, напротив. Ние одигравме на едно ниво иако покажавме и доста недостатоци кои ќе мора да ги корегираме“ – истакнува Седлоски на денешната прес-конференција веднаш дополнувајќи:
„Секако повторно хрватскиот шампион е фаворит, но ако ги погледнам овие изминати денови на кои работевме по натпреварот навистина ми даваат позитивни надежи затоа што гледам со каков мотив и елан фудбалерите го чекаат утрешниот дуел. Знам дека ќе го дадам максимумот, и со една добра игра повторно да дојдеме до добар резултат кој и би не однел во следната рунда од квалификациите за ЛШ“.
Што се однесува околу тоа дали противникот сега ќе ја промени тактиката…
„Динамо има огромен фонд на играчи и апсолутно не е важно кој и како ќе игра. Ние треба максимално да се концентрираме на нашата игра. Ние знаеме дека играме против голем фаворит, но во Загреб покажавме дека може да се надигруваме со секого, и затоа може да повикам да биде утре само една добра претстава за сите нас, играчи, стручен штаб и навивачите и да уживаме во фудбалски спектакл на нашиот стадион. Гледам дека нивниот тренер Анте Чачиќ дава преоптимистички изјави пред дуелот, најавувајќи сигурна победа, но добро тој е тренер на еден таков клуб во кој знам како е, бидејќи сум играл, и таму секогаш и секаде се бара успех“ – вели Седлоски.
Стратегот на Шкупи ја повикува публиката од Македонија во што поголем број да даде поддршка на нашиот шампион во желбата да се елиминира силниот противник.
„Верувам дека и нашиот најголем стадион ќе се наполни и со поддршка од публиката и нашите најверни навивачи ќе успееме да го изненадиме противникот. Сакам да биде убав фудбалски празник во кој сите заедно ќе уживаме“ – истакна Седлоски.
Реванш-натпреварот меѓу Шкупи и Динамо Загреб од 2. квалификациско коло во ЛШ се игра утре со почеток од 21 часот на националната арена „Тодор Проески“ во Скопје.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА